| Почетоците на ВМРО ДПМНЕ |
|
Едновековното постоење и опстојување на ВМРО е директен одраз на борбата на македонскиот народ и на сите граѓани за национално ослободување и желбата за создавање на самостојна и суверена македонска држава. ВМРО се појави како самостојна револуционерна организација, со цел да го организира, подготви и поведе македонскиот народ за национално ослободување. Името ВМРО е трајно врежано во меморијата на македонскиот народ и со неговиот идеал се водела битката до победоносниот крај за создавање на денешна самостојна и суверена Македонија. Првиот чекор во создавањето на ВМРО, го направија група македонски интелектуалци, во есента, далечната 1893 година. Илинденското востание и Крушевската Република претставуваат круна на револуционерниот и ослободителниот стремеж на членовите на ВМРО за извојување на своја државност. ВМРО директно и индиректно зеде учество и во Младотурската револуција, во двете балкански и во Првата светска војна. По завршувањето на Втората светска војна и ослободувањето на Македонија, членовите и симпатизерите на ВМРО повторно ги воскреснаа историските идеи на Организацијата. Незадоволни и крајно разочарани, членовите на ВМРО беа главни носители на политичката опозиција во комунистичка Македонија. Неприфаќајќи го статусот на Македонија во рамките на југословенската федерација, членовите и симпатизерите на ВМРО организираа бројни тајни политички групи и организации. Најголемиот број од нив го носеа името ВМРО, а главна цел им беше: создавање на самостојна, независна и демократска македонска држава, со воспоставен систем на слободна и пазарна економија.
ВМРО-ДПМНЕ, како наследник на историското ВМРО, секогаш беше на првата линија во борбата за демократско етаблирање на Република Македонија. Под закрила на оваа идеја, беше промовирана македонската валута, константно беше афирмирана политичката ориентација за членство на Македонија во Северноатланската договорна алијанса (НАТО) и за продлабочување на стратешкото партнерство со Соединетите американски држави (САД), беше поднесена првата декларација за членство на Македонија во Европската Унија (ЕУ), беше подготвена и започна реализацијата на првата сеопфатна програма за економски препород и развој на Македонија... Денес, ВМРО-ДПМНЕ е истрајна во намерата да ја извојува политичката битка за крај на транзицијата и за поскорешно етаблирање на Македонија во меѓународните односи, како полноправна членка на НАТО и на ЕУ. |
Борбата за самостојна Македонија продолжи и во периодот на стекнувањето на независност во деведесеттите години на 20. век. Тогаш, по основањето на 17 јуни 1990 година, новосоздадената партија ВМРО-ДПМНЕ беше единствената политичка сила која отворено се залагаше за одделување на Македонија од југословенската федерација, воскреснувајќи ја идејата за самостојна и суверена македонска држава, за заокружување на македонската државност и за меѓународно признавање на македонската држава, што денес во Република Македонија стана реалност.

